23.09.2010, 11:14
НАЈГОЛЕМИОТ ЗАТВОР НЕ ЗНАЕ ШТО ДА ПРАВИ СО ХИВ ПОЗИТИВЕН ОСУДЕНИК
Паника од сида во Идризово
Во амбулантата во КПД "Идризово", од пред неколку дена, на издржување затворска казна е осуденик од Скопје, носител на ХИВ вирусот. Опасноста да ја пренесе болеста на други затвореници е голема, бидејќи носителот на вирусот на сида е наркозависник, а според статистиките, над 50 отсто од осудените лица во "Идризово" се зависници од дрога
Во амбулантата во КПД "Идризово", од пред неколку дена, на издржување затворска казна е осуденик од Скопје, носител на ХИВ вирусот. Опасноста да ја пренесе болеста на други затвореници е голема, бидејќи носителот на вирусот на сида е наркозависник, а според статистиките, над 50 отсто од осудените лица во "Идризово" се зависници од дрога.
Според лекарите во Затворот, во последните 20 години ова е втор случај на издржување казна да дојде болен од сида. Таквите случаи биле многу ретки.
Според медицинска екипа од затворската амбуланта, заразениот осуденик, откако бил спроведен, ниту еден момент не дошол во контакт со останатите затвореници, веднаш му бил извршен преглед, по што бил сместен во посебна просторија во амбулантата, во услови кои се потребни за третман на тешката заразна болест. Собата каде што е сместен, ќе се третира како дел од затвореното одделение, бидејќи Затворот, до претстојното реновирање од корен, нема услови поинаку да ги третира овие заболени осуденици.
"Хив позитивниот осуденик во никој случај нема да биде сместен со останатите лица во затворениот дел, за да не се доведат тие во опасност од зараза. Во никој случај тој нема да биде оставен таму ни сам зад решетки. Нема да биде дискриминиран. Казната ќе ја издржува во посебна просторија во амбулантата каде што е под засилен лекарски надзор", вели д-р Треневски од затворската амбуланта. Притоа тој порачува дека не треба од ХИВ позитивниот случај да се прави паника.
"Опасен е ако како зависник зема хероин по интравенозен пат. Сидата се пренесува преку крвта. Осуденикот е поставен на метадонска терапија, секој ден му се укажува колку е важно да остане на терапијата со таблети и оти ако проба да земе дрога со игла, може да зарази други луѓе, што е крупно кривично дело", вели д-р Треневски.
За министерот Михајло Маневски најважно е останатите во Затворот да не дојдат во опасност од заразата. Во новиот затвор кој ќе се гради, вели Маневски, за вакви случаи ќе има посебни павилјони, во рамки на медицинскиот центар кој ќе се изгради, за да се шетаат во павилјонот, а не во другите делови.
Тони Менкиновски од Хелсиншкиот комитет за човекови права, пак, смета дека и ХИВ позитивните затвореници ги имаат истите човекови права како и останатите затвореници, и оти не треба тие да бидат одделени од другите и изолирани. Тој смета дека тие треба да бидат на едно купче и да комуницираат со останатите од одделението каде што се упатени да ја издржуваат казната.
"Проблемот, според мене, е што затворениците немаат посебна медицинска грижа и здравствено осигурување во Затворот. Место таа ингеренција да е под Министерството за здравство, оставено е Министерството за правда да им плаќа на осудените лица за лекување, да вработува лекари и слично. Тука е основниот проблем", смета Менкиновски.
С. К.Делевска
фото: Б. Грданоски